Феноменот на лажните вести претставува е предизвик во современото информатичко општество. Прифаќањето и дисеминацијата на дезинформации е вкоренето во основните когнитивни механизми и социјални динамики кои ја конституираат човечката природа. Лажните вести не се само продукт на недостаток на критичко мислење или на интелектуална неспособност, тие се резултат на механизми и социјални динамики кои ја конституираат човечката природа и начинот на кој луѓето обработуваат и споделуваат информации.
Прифаќањето на лажни вести ја открива тенката линија помеѓу субјективната перцепција на знаењето и објективната вистина. Човечкиот ум има тенденција да ја изедначува фамилијарноста на информацијата со нејзината вистинитост, што создава услови за ширење на дезинформации преку ефектот на повторување (Illusory Truth Effect). Овој феномен ја прикажува сложената интеракција помеѓу когнитивните механизми и социјалните фактори, како што се довербата во изворот, групната припадност и емоционалните потреби, кои заедно го обликуваат начинот на кој поединците ја прифаќаат и споделуваат информацијата.
Дигиталната средина со својот брз и константен проток на информации создава услови за површна обработка на содржините („surface processing“), при што луѓето се потпираат на интуитивни реакции наместо на евалуација на доказите со што се олеснува виралноста на дезинформациите. Во овој контекст, социјалните динамики и емоционалните потреби играат значајна улога во процесот на дисеминација на лажни вести. Во ситуации на неизвесност и егзистенцијална анксиозност, луѓето се склони кон прифаќање на објаснувачки системи кои им овозможуваат да го редуцираат комплексниот свет на едноставни бинарни категории „ние“ и „тие“, добро и зло. Во овој контекст, теориите на заговор, како специфична форма на дезинформации, се посебно привлечни бидејќи нудат сеопфатни и лесно разбирливи објаснувања кои ја задоволуваат психолошката потреба за контрола и разбирање во хаотични и непредвидливи ситуации.
Ефектот на илузорна вистина (Illusory Truth Effect)
Современите истражувања покажуваат дека процесите на меморија и внимание не се имуни на систематските когнитивните искривувања, кои можат да доведат до погрешни уверувања. Брзината и обемот на пренос на содржини создаваат услови во кои човечката когниција станува особено ранлива на ефекти што ја нарушуваат објективната проценка на вистинитоста. Повторувањето на информации може да создаде илузија на вистинитост, а дигиталната средина со нејзиниот константен проток на информации поттикнува површна обработка, што дополнително ја олеснува дисеминацијата на дезинформации. Еден од најистакнатите феномени што го илустрира ова е ефектот на илузорна вистина.
Ефектот на илузорна вистина се однесува на тенденцијата на поединецот да ја зголемува веродостојноста на одредена информација со нејзино повторено изложување, без оглед на нејзината фактичка точност. Со други зборови, колку повеќе една изјава или тврдење се повторува, толку повеќе умот ја прифаќа како вистинита, дури и ако првично била сомнителна или неточна. Овој феномен е првпат систематски документиран во експерименти од страна на Хашер, Голдстин и Топино во 1977 година, кои покажале дека повтореното изложување на информации создава когнитивна флуентност, односно чувство на лесна обработка и познатост што мозокот автоматски го интерпретира како индикатор за вистинитост.
Овој феномен ја открива кревката граница меѓу перцепцијата на знаење и објективната вистина. Тој демонстрира колку човечката когниција е ранлива на манипулации и дезинформации, особено во современото информатичко општество каде информациите се пренесуваат и повторуваат со голема брзина и обем. Во контекст на ширењето на дезинформации, ефектот на повторување функционира како механизам кој ја олеснува дисеминацијата на неточни или намерно искривени информации, бидејќи повторувањето создава илузија на вистинитост која ги надминува рационалните и критички бариери на поединецот.
Улогата на доверба во изворот
Во процесот на информирање, особено во онлајн средина со висока брзина и голем обем содржини, поединците често не ја оценуваат точноста на тврдењата преку детална проверка, туку преку перцепираниот кредибилитет на изворот. Довербата во изворот функционира како кратенка што го намалува скептицизмот и веројатноста за дополнителна верификација. На тој начин, „кој го кажува“ лесно може да стане посилна одредница за прифаќање на информацијата од „што точно се кажува“, и токму таа ранливост ја експлатираат дезинформациите.
За да се разбере оваа ранливост, важно е да се направи разлика помеѓу сигнали на кредибилитет и фактичка точност. Лажните вести често не се потпираат на проверливи докази, тие имитираат елементи што вообичаено асоцираат на професионално новинарство или институционален авторитет со визуелни обележја, „експертски“ тон, селективни статистики или наводни цитати. Ваквото „пакување“ ја зголемува веројатноста информацијата да биде прифатена без критичка проценка, бидејќи читателот добива впечаток на легитимност уште пред да ја разгледа содржината.
Кредибилитетот на социјалните мрежи често се „пренесува“ преку мрежата на познанства, групи и влијателни профили, при што социјалниот доказ (лајкови, споделувања, коментари) се интерпретира како индиректна потврда на вистинитоста. Ова ја засилува тенденцијата за брзо споделување, особено кога пораката е емоционално интензивна или наративно усогласена со групните ставови. Споделувањето во такви случаи е и потврда на припадност, што дополнително ја зголемува отпорноста на корекција и проверка.
Особено проблематична е појавата на “псевдо-експерти”, односно индивидуи или организации кои се презентираат како авторитети во одредена област без соодветна квалификација. Социјалните медиуми овозможуваат конструкција на паралелни информативни светови во кои алтернативните извори на информации се перципираат како подеднакво или повеќе доверливи од мејнстрим институциите. Овој феномен е особено изразен во контекст на општествена криза на доверба во традиционалните институции, медиуми, наука, влада со што создава вакуум кој дезинформациите успешно го пополнуваат.
Социјална идентификација и групна припадност
Теоријата на социјалниот идентитет нуди рамка за објаснување на тоа зошто припадноста кон одредена група (политичка, етничка, религиска, професионална или идеолошка) влијае врз тоа кои информации се прифаќаат како „точни“. Поединците имаат тенденција да ги интернализираат ставовите и наративите што се конзистентни со нормите и вредностите на нивната референтна група, додека информациите што ја доведуваат во прашање групната позиција се доживуваат како закана и полесно се отфрлаат. Во таа смисла, процената на веродостојност е социјално вкоренета што се одвива во рамки на „ние“ наспроти „тие“.
Конфирмативната пристрасност (confirmation bias) објаснува како поединците селективно бараат, запомнуваат и интерпретираат содржини што ги потврдуваат постоечките уверувања и идентитети. Кога дезинформацијата кореспондира со светогледот на групата, таа се прифаќа пред сè поради „идентитетска конзистентност“, а не поради нејзината валидност. Оттука, „вистината“ може да стане секундарна во однос на потребата за социјална кохезија, припадност и солидарност, при што споделувањето служи како сигнал на лојалност и групно позиционирање.
Овие тенденции се засилуваат во дигиталната средина преку „ехо-комори“ и „филтер-меури“, каде алгоритамската курација ја зголемува изложеноста на содржини што ги рефлектираат постоечките уверувања, а ја намалуваат средбата со контра-наративи. Како резултат, се создава впечаток дека одредени тврдења се „општоприфатени вистини“ во рамки на групата, дури и кога надвор од неа се оценуваат како непроверени или неточни. Во ваков контекст, „мотивираното резонирање“ (motivated reasoning) овозможува когнитивна рационализација на дури и очигледно проблематични информации доколку тие ја заштитуваат групната позиција или идеологија. Ова не мора да произлегува од недостаток на интелектуален капацитет, туку од психолошка потреба за одржување позитивен социјален идентитет и групна кохезија.
Страв, несигурност и потреба за брзи одговори
Анксиозноста и несугурноста се меѓу најсилните психолошки услови што ја зголемуваат подложноста кон дезинформации. Во периоди на криза (здравствена, економска, политичка), кај поединците се засилува потребата за „когнитивна затвореност“ (need for cognitive closure), односно тенденција да се бара брз, јасен и конечен одговор наместо да се толерира амбигвитет и неизвесност. Во вакви околности, дури и слабо поткрепени тврдења можат да се доживеат како „поприфатливи“ ако ја намалуваат психолошката напнатост што ја создава непознатото.
Во тој контекст, лажните вести нудат едноставни и кохерентни наративи што ја преведуваат сложеноста на реалноста во јасни каузални врски и препознатливи актери, често преку идентификација на конкретен „виновник“. Овие поедноставени објаснувања ја задоволуваат потребата за смисла и контрола во ситуации што се перципираат како хаотични и непредвидливи. Теориите на заговор, како специфична форма на дезинформации, стануваат особено привлечни затоа што нудат „сеопфатен“ објаснувачки систем, светот се прикажува како борба меѓу добро и зло, „нас“ и „нив“, што ја редуцира неизвесноста и ја нормализира анксиозноста преку наоѓање на наративен ред.
Емоционалната валентност на содржината е клучна за нејзината приемчивост и ширење. Информациите што предизвикуваат силни емоции како страв, гнев, вознемиреност, морална огорченост, се обработуваат побрзо и се паметат подобро од неутралните факти. Ова е важно затоа што емоцијата не делува само како „реакција“, таа е сигнал за релевантност, ако нешто ме плаши или ме лути, мозокот го третира како итно и значајно, па критичката евалуација често се скратува. Невронаучните наоди сугерираат дека кога информацијата се перципира како закана, зголемената активност поврзана со амигдалата може да ја намали улогата на префронталните механизми задолжени за инхибиција и аналитичко расудување, што ја зголемува веројатноста за импулсивно прифаќање и споделување.
Дигиталната средина ја засилува оваа динамика преку структурни карактеристики што фаворизираат брзина и реактивност. Континуираниот проток на содржини, „скролањето“ и конкуренцијата за внимание поттикнуваат „површна обработка“ (surface processing) наместо детална проверка. Поединците се потпираат на хевристики како „дали звучи уверливо“, „дали го објавил некој што го следам“, „дали се совпаѓа со тоа што веќе го мислам“. Под временски и когнитивен притисок се зголемува доминацијата на интуитивното одлучување (брзо, автоматско) над систематичната евалуација на доказите (бавна, аналитична), со што дигиталниот контекст станува идеална инфраструктура за содржини оптимизирани за виралност, а не за точност.
Прифаќањето и споделувањето на лажни вести не може да се редуцира на едноставно објаснување засновано на невнимание или недостаток на образование. Овој феномен произлегува од сложената интеракција меѓу когнитивните пристрасности, социјалните динамики, емоционалните потреби и структурните карактеристики на современиот информатички систем. Ефектот на повторување ја илустрира тенденцијата на човечкиот ум да ја изедначува фамилијарноста со вистината. Довербата во изворот ја покажува релационата природа на знаењето, социјалната идентификација го открива примарот на групната припадност врз епистемолошката точност, а стравот и несигурноста ја демонстрираат функцијата на дезинформациите како механизми за совладување на анксиозноста.

